Скопје, 27. октомври 2010 (ИНПРЕС)
Во Академијата за обука на судии и јавни обвинители денеска се одржа презентација на новиот лиценциран софтвер за сообраќајни незгоди PC - Crash 8,3 Expert (3D), што ќе го користи Бирото за судски вештачења – Скопје.
Оваа програма опфаќа симулација на сообраќајни несреќи во кои учествуваат моторни возила, во различни околности на случување. Софтверот опфаќа и различни модели за пресметка, како импулс-количество на движење, модел на удар кој се темели на крутост, кинетички модел за реални симулации на движење и модел за временско-просторна анализа.
Лиценцираниот софтвер е донација од Американската амбасада во Република Македонија.
Според министерот за правда Михајло Маневски, со ова решение се овозможува сообраќајни вештачења на ефикасен и брз начин и нивно решавање во покус временски период, со скратени трошоци за постапката за вештачење.
- Убедени сме дека со примената на овој софтвер ќе се оствари значаен напредок во вештачењата за случените сообраќајни несреќи, особено за оние кои се со смртни последици. Примената на овој софтвер значително ќе ја олесни работата на вештаците при вршење вештачење на сообраќајни несреќи, осигурувајќи придржување кон начелата на стручност, непристрасност, ефикасност и економичност, рече Маневски.
Од Бирото за судски вештачења во Скопје објаснуваат дека софтверот има повеќе можности, како истовремена симулација до 32 возила при учество во една сообраќајна несреќа, база на податоци за сите видови возила произведени во Северна Америка, Европа, Јапонија и Азија, а ЗД камерата служи за прикажување на динамичкиот преглед на несреќата.
Со примената на овој софтвер се очекува да се намали и времето за изготвување на извештај за сообраќајна несреќа за разлика од досега кога сообраќајните вештачења се вршеле рачно, а еден вештак за еден месец можел да изработи до 12 вештачења.
(Преземено од ИНПРЕС)

БИРО ЗА СУДСКИ ВЕШТАЧЕЊА
ул. Железничка бб, Скопје, Р. Македонија
тел. : 02 3238-553
Факс : 02 3113-663

Контактирајте со директорот на бирото за судски вештачења,
![]()
![]()
![]()
![]()